Промоција на тренерот Рајковиќ и потврда на Еврокупот!

2016 22 Јул

Промоцијата на Емил Рајковиќ во нов шеф на стручниот штаб и официјална потврда на настапот во престижниот Еврокуп се клучните поенти од денешната прес-конференција на МЗТ Скопје Аеродром, на која уште присуствуваа и тренерот Александар Јончевски, извршниот директор на клубот, Видоја Секуловски како и членот на националниот тим на Македонија, Љубомир Младеновски.

Рајковиќ (38 години) е трикратен македонски шампион како стратег на Фени индустри, каде што ја почна тренерската кариера во 2006 и каде што работеше до 2012 година. Потоа мина две сезони во Работнички, а во 2014 година седна на клупата на полскиот прволигаш Сласк од Вроцлав, чиј предводник беше и во најголем дел од минатата сезона. Тој е поранешен македонски репрезентативец, а во својата играчка кариера настапуваше и за МЗТ Скопје Аеродром. Зад себе има и два пехари во Купот на Македонија како и титула во Еврохолд Балканската лига. Лани, со Сласк, играше во финалето од Суперкупот на Полска.

Чест ми е што ќе бидам тренер на МЗТ Скопје Аеродром и тоа во натпреварувања како Еврокупот и во АБА-лигата. Целите однапред ни се јасно детерминирани, а тоа е освојување на домашните титули. Учеството во Еврокупот, пак, ќе го искористиме за собирање искуство за што е можно подобар пласман во АБА-лигата, а тоа е место во горниот дел од табелата. Се надевам дека ќе формираме квалитетен состав и можам да ветам максимално посветено работење за да се исполнат целите на клубот. Задржувањето на Дамјан Стојановски, со кого во моментов сме во преговори и за чиј квалитет нема потреба да трошам зборови, е моја најголема желба во однос на играчкиот дел и искрено се надевам дека ќе остане и ќе биде дел од овие големи натпреварувања“, изјави Рајковиќ на прес-конференцијата.

Директорот Секуловски се осврна на настапите кои кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ги очекуваат во второто по квалитет европско клупско натпреварување. Тој ги потврди веќе објавените информации дека шампионот добил специјална покана од Еврокупот, а која со задоволство била прифатена како и тоа дека „металците“ ќе бидат во квалитетна и исклучително атрактивна група. Во неа, покрај нашиот тим, се и екипите на Баерн Минхен, шпанските Уникаха и Мурсија, руски Зенит и Будуќност од Подгорица. За составот од „Јане Сандански“ ова ќе биде второ учество досега во ова натпреварување кое е под ингеренциите на УЛЕБ.

„Досега не можевме да го официјализираме тоа што се пишуваше деновиве, пред се поради обврските кои ги имавме кон Еврокупот. Но, сега и официјално можам да потврдам дека следната сезона ќе играме во ова натпреварување. Групата е атрактивна и квалитетна и се надеваме дека гостојно ќе ја претставиме македонската кошарка во ова елитно друштво“, изјави Секуловски.

Тренерот што го предводеше тимот до двојната круна во минатата сезона, Јончевски изрази задоволство што ќе соработува со својот поранешен соиграч Рајковиќ и што ќе биде своевидна врска помеѓу досегашниот состав и тимот кој ќе игра во претстојниот шампионат.

Се надевам дека моето останување во стручниот штаб ќе помогне за исполнување на целите и за најдобар пласман досега во АБА-лигата. Сигурен сум дека ќе имаме одлична соработка со Рајковиќ, долго се познаваме и во минатото сме играле заедно. Бев дел од МЗТ Скопје и кога првпат игравме во Еврокупот и сигурен сум дека искуството оттогаш ќе ни помогне во претстојните дуели“, потенцира Јончевски.

Еден од тие што ќе има огромна корист од играњето во натпреварување како Еврокупот е репрезентативецот Љубомир Младеновски.

Ова е голем чекор за МЗТ Скопје Аеродром, за македонската кошарка, но и за нас играчите за да се покажеме во што е можно подобро светло“, кусо изјави високиот центар.

На средбата со новинарите беше „фрлен поглед“ и кон претстојната сезона во регионалната АБА-лига, во која МЗТ Скопје Аеродром го има убедливо најтешкиот почетен распоред досега, кој сакаше во првите четири кола да има пресметки со четири гиганти – Црвена Звезда, Партизан, Цедевита и Цибона. Секуловски потенцира дека со оглед на настапот во две европски натпреварување, а во согласност со актите на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), шампионот ќе го прескокне првиот дел од домашното првенство. Тоа ќе биде третпат во „јадранската ера“ на клубот, сино-белите да се вклучат во таканаречениот суперлигашки сегмент од битката за титулата македонски првак.

УниБанкаОпштина Аеродром

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), седум по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page