Испечатете ја страната

Кочов: Моја најголема желба е да го вратам МЗТ Скопје Аеродром во АБА-лигата!

2020 27 Авг

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром веќе десетина дена се во тренажен процес, во обид полека да се вратат во посакуваната форма по принудната петмесечна пауза поради пандемијата со коронавирусот, кога и самата помисла на тренинг во сала беше нешто неверојатно недостижно.

Тренерот Ѓорѓи Кочов на располагање го има речиси комплетниот тим со кој ќе се обиде да дојде до посакуваните цели во новата сезона, без последното засилување, Тодрик Гочер, кој викендов треба да пристигне во Скопје. Атмосферата е фантастична, се работи „пеколно“ и тоа надвор, во теретана и во сала, бидејќи сите се решени да го дадат максимумот пред почетокот на ова најслаткото, периодот со натпревари.

Поради ова, ја искористивме паузата помеѓу два тренинга да му поставиме неколку прашања на предводникот на составот од Аеродром, со цел да ги дознаеме неговите размислувања, како за проблемите кои се полека зад нас, како и за очекувањата за тоа што е пред нашиот тим.

- Какво е чувството по пет месеци пак да се биде во сала и колку пандемијата влијаеше врз кошарката и врз работата на тренерите?

Чуството да се биде повторно в сала и да се држи тренинг е неверојатно и непроценливо. Мислам дека го сонував моментот кога повторно ќе слушнам чкрипење на патики, навистина бевме предолго оставени без таква можност. Пандемијата негативно се одрази врз целокупното човештво, а ние не бевме нималку поштедени, односно бевем директно погодени бидејќи нашето егзистирање од кошарката беше ставено под знак прашалник. Времето го искористив за следење онлајн-семинари, кои навистина ги имаше премногу. Дури и нашиот тренер Никола Велев имаше свое излагање, кое беше навистина одлично следено и оценето. Без разлика што бев оневозможен да држам тренинг во сала, секојдневно бев со кошарката по минимум 5-6 часа и сега сум нетрпелив сите нови работи научени овие месеци да им ги пренесам на моите кошаркари“.

- Како си задоволен од изгледот на новиот состав на МЗТ Скопје Аеродром со кој ќе располагаш во следната сезона?

„Мислам дека имаме компактен и талентиран тим, кој очекувам да игра навистина добра кошарка. Верувам во спојот на талент и искуство и навистина очекувам сезона што ќе донесе радост како за сите нас, така и за армијата навивачи и симпатизери кои стојат зад клубот“.

- Како го оценуваш стартот од подготовките и кондицијата со која дојдоа играчите?

„Иако паузата беше предолга, сите играчи дојдоа добро подготвени за оваа фаза од подготовките. Тоа покажува дека се професионалци и дека тренирале напорно дури и кога немаше адекватни услови за тоа. Искрено, не ни очекував поинаку. Мислам дека знаат добро што ги очекува и доколку не би дошле подготвени, тоа би бил проблем за нив самите. Иако се, да кажеме, оптимално спремни, сѐ уште не сме имале контакт игра, што не било случај во изминатите години каде уште на вториот тренинг веќе се играло пет на пет. Но, мора да бидеме внимателни и да не ризикуваме, ниту со повреди ниту со нарушување на здравствениот ковид-протокол“.

- Какви се твоите очекувања за сезоната што ни претстои?

„Моја најголема желба е да го видам МЗТ Скопје Аеродром во АБА-лигата. Покажавме голема константност во АБА2 и домашното првенство изминативе години, меѓутоа тоа што не сме регионални прволигаши ми е голема болка. Само посакувам да сме здрави, првенството да се игра и конечно да го зададеме последниот удар и сликата да биде целосна, а со тоа и нашето оддолжување кон клубот, кој ни дал шанса биде целосно“.