Сутјеска лесно преслушана за осма победа по ред во Аеродром

2020 15 Јан

Одличниот шут од поле, пред сѐ за три поени, како и далеку подобрата тимска игра што резултира со поголем број асистенции (22-13), на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром им ја донесе осмата победа по ред на домашен терен сезонава во АБА2-лигата и тоа во пресметката со секогаш незгодната Сутјеска (88-78).

Првите 15-тина минути поминаа во иницијатива на противникот, кој во овој период оствари и двоцифрена позитива (33-22), по што следуваше блескав период на нашите момци и неверојатна серија 25-3 со која нашиот тим дојде до плус 11 (47-36).

Од тој момент, до средината на последниот период, на теренот постоеше само тимот од Аеродром, кој дојде и до највисоката предност од 16 поени (67-51). Црногорскиот тим врати со десет поени во низа и намали на само минус шест (61-67) на пет минути до крајот на средбата. Тоа, сепак, не ги исплаши момчињата во сино-бело, кои адекватно одговорија на налетот и брзо потоа повторно дојдоа до двоцифрена предност (79-63), која потоа умешно ја задржаа до самиот крај.

Мал проблем на двете екипи направија двете принудни пауза по барањето на судиите, прво да се дислоцираат нашите најверни навивачи, а потоа и целата сала. По мало убедување, тоа се случи, по што средбата продолжи со позитивен крај за нашиот тим.

Аеродромци постигнаа 15 тројки со 50-отстотна прецизност, а имаа и девет асистенции повеќе (22-13), што беа клучните фактори во победата, со која останаа неприкосновени на втората позиција на табелата со учинок 12-4. Стојановски средбата ја заврши со 28 поени, додека Ерон Харис и Бојан Крстевски реализираа по 14 поени. Кај гостите убедливо најдобар беше поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Никола Павличевиќ, со дури 36 постигнати поени.

Македонскиот шампион следниот дуел во АБА2-лигата ќе го одигра во вторник и тоа на гости кај поранешниот европски шампион, Сплит.

4 Uni Banka.jpgNeuromedika za sajt.jpgaerodrom-novo-logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), седум по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page