Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја да ја продолжат победничката низа и во третиот меѓусебен меч го претрпеа првиот пораз во пресметките со словенечки Хелиос (76-78), во драматичен меч во кој прво се вративме по негатива од 13 поени (54-67), а потоа имавме и шут за победа.
Фантастичниот шут од далечина на противникот се покажа како клучен фактор во овој натпревар, со оглед што погоди дури 13 тројки од само 26 обиди. Првото полувреме беше изедначено, за што најдобро говори што и првите две четвртини завршија нерешени (24-24, 19-19). Но, концентрацијата ни падна во третиот период (11-22), што противникот го искористи за да дојде до двоцифрена позитива, која беше најголема по првиот напад од последната четвртина.
Тогаш заигравме многу подобро и со серија 11-0 намаливме на само два поени негатива (65-67), а потоа на сцена стапи Џабари Хиндс, кој со седум поени во низа ни го донесе првото водство во второто полувреме (74-73). Во тој период, пропуштивме неколку напади дополнително да се одлепиме, по што противникот повторно дојде до водство (75-74).
Следуваа по еден кош на двете страни, по што го имавме последниот напад на 29 секунди до крајот. Но, Хиндс овој пат не успеа да поентира, што беше крај на сите надежи со оглед што потоа, на самиот крај, Марко Симоновски направи неспортска лична грешка, што беше крај на сите надежи за евентуален триумф.
Американецот Хиндс со 29 поени беше најпрецизен во нашиот тим, а двоцифрен ефект имаше уште и Дамјан Стојановски со 15 поени. Марин Морнар и Бојан Крстевски постигнаа по осум поени, додека Андреј Маслинко застана на седум поени.
МЗТ Скопје Аеродром сега има учинок 5-2 во пресрет на пресметката против Широки, закажана за следниот четврток во салата „Јане Сандански“.