Испечатете ја страната

МЗТ Скопје Аеродром и по третиот меч не знае за пораз во АБА2-лигата

2019 15 Окт

Одличната игра во одбрана овој пат беше клучниот фактор за третиот по ред триумф на МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона АБА2-лигата, откако вечерва, на домашен терен, лесно и убедливо беше совладан словенечкиот претставник Рогашка (74-54).

Сино-белите шутираа далеку подобро од противникот, кој не се снајде во нашата брза игра со многу преземања во дефанзивата, па едвај го погодуваше речиси секој четврти шут кон нашиот кош. Словенците почнаа подобро и ја имаа иницијативата во првата четвртина, во која дури имаа и плус седум (18-11), но тоа беше сѐ што направија на овој меч. Аеродромци прво намалија на минус еден пред вториот период (19-20), за потоа со серија 10-1 да дојдат до резултатски пресврт (29-23) и водство кое потоа не го испуштија до самиот крај.

МЗТ Скопје Аеродром со ваквиот агресивен начин на игра продолжи и во второто полувреме, во кое од минута во минута буквално го мелеа гостинот од Словенија. Тројката на Кристијан Николов значеше и преминување на границата од 20 поени (67-46) и крај на сите надежи на противникот за евентуален пресврт уште во 33. минута.

Составот од „Јане Сандански“ на крајот беше убедливо подобар речиси во сите статистички категории, додека Рогашка имаше само поголем број скокови, што беше резултат на начинот на кој аеродромци играа во одбраната. Дамјан Стојановски со 18 поени (пет тројки), девет скока и дури пет украдени топки беше најдобар кај македонскиот тим, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Бојан Крстевски со 13 и Нуни Омот со 11 поени. Одлични беа уште и Андреј Маслинко со девет поени и седум скока, Марин Морнар со осум поени, како и Џабари Хиндс со шест поени и исто толку асистенции и Андреј Магдевски со ист број поени и едно додавање помалку од Американецот.

МЗТ Скопје Аеродром, кој сега има учинок 3-0 на стартот од АБА2, и следниот меч ќе го одигра на домашен терен и тоа следната среда против Борац Чачак.