Испечатете ја страната

Сигурна победа над Спарс за два од два на стартот од АБА2-лигата

2019 09 Окт

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа до втората победа во вториот меч од новата сезона во АБА2-лигата, откако со далеку подобра игра во второто полувреме го скршија отпорот на незгодниот тим на Спарс (77-65), кој ни беше ривал во полуфиналето од плејофот минатата сезона.

Клучна за победата на нашиот тим беше серијата 15-3 во финишот од третата и стартот на последната четвртина, со која дојдовме до највисокото водство со 13 поени (68-55), кое ни ја осигура победата на првото гостување во регионалното натпреварување. И првата „жртва“ на тимот предводен од Ѓорѓи Кочов беше тим од БиХ и тоа тузланска ОКК Слобода пред една недела во Скопје.

Двете екипи беа изедначени речиси во сите статистички категории, па нијанси го одлучуваа победникот како двете тројки повеќе (6-4), двете погодени слободни фрлања повеќе (14-12) и по трите украдени топки повеќе (11-8) односно загубени топки помалку (15-18) во корист на МЗТ Скопје Аеродром. Американецот Џабари Хиндс беше убедливо најдобар во нашиот состав, завршувајќи го мечот со 23 поени, девет скока, осум асистенции и три украдени топки. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Дамјан Стојановски со 12 поени и Нуни Омот со 10 поени, сите во првото полувреме.

„Металците“ следните два меча во АБА2-лигата ќе ги одиграат на домашен терен, а прв ривал ќе им биде словенечка Рогашка, веќе следниот вторник во „Јане Сандански“.