Print this page

Победата над ОКК Слобода да се потврди со „брејк“ во Сараево

2019 09 Oct

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром попладнево ќе го одиграат првиот гостински меч сезонава во АБА2-лигата и тоа против добро познат ривал, сараевски Спарс (18 часот), со кого лани водевме успешна битка во полуфиналето од плејофот.

Двете екипи се сосема различни од тие пресметки, што значи дека избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов претпазливо треба да влезат во дуелот со босанскиот клуб, кој и сега е микс на младост и на искуство. Победата над ОКК Слобода донесе позитивна атмосфера во нашиот тим, која и тоа како ќе биде подобрена со евентуален „брејк“ во Сараево.

„Без разлика што двата клуба добро се познаваат од минатата сезона во која одиграа четири натпревари, ова ќе биде сосема поинаква пресметка бидејќи обата тима претрпеа големи промени и имаат скоро нови ростери. Спарс има млада, но талентирана и физички силна екипа, која мора да се респектира. Од моите кошаркари очекувам сериозен пристап кон овој дуел и преземање на големата одговорност која е пред нив“, вели тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов.

Сино-белите во најсилен состав отпатуваа кон босанската престолнина, со тоа што Марин Морнар сѐ уште се опоравува од повредата на грбот. Натпреварот ќе биде директно пренесуван на каналите на Арена спорт телевизијата.