Испечатете ја страната

Одличен старт во АБА2: МЗТ Скопје со 19 тројки ја торпедира Слобода Тузла

2019 03 Окт

Фантастичната партија на кениското засилување Нуни Омот, на екипата на МЗТ Скопје Аеродром ѝ ја донесе првата победа на стартот од АБА2-лигата, откако во брз меч со многу поени, вечерва во „Јане Сандански“, беше совладан босанскиот претставник ОКК Слобода Тузла (110-88).

Аеродромци триумфот го обезбедија во третиот период, во кој првпат дојдоа до двоцифрена позитива, а во финишот со серија 13-4 дојдоа до највисоките плус 14 (83-69) со кои влегоа во последните десет минути од мечот. Сино-белите рутински одиграа во четвртиот дел од играта и ја задржаа високата предност за заслужена победа.

Шутот за три поени функционираше беспрекорно во тимот предводен од тренерот Ѓорѓи Кочов, со оглед што неговите момци средбата ја завршија со дури 19 тројки и тоа со само 12 промашувања. Тоа, пак, ги компензира проблемите кои ги имаа во играта под кошевите, каде што противникот оствари повеќе од солидна разлика во скокови (28-19).

Омот натпреварот го заврши со 33 постигнати поени и тоа со едно промашување од поле (6/6 за тројка, 7/8 за двојка), заедно со три скока и една украдена топка. Одлично одигра и капитенот Дамјан Стојановски со 16 поени (4/6 за тројка), Бојан Крстевски дополни со 13, Андреј Магдевски со 12, а Џабари Хиндс и Андреј Маслинко постигнаа по 11 поени.

Колку беа офанзивно моќни кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва покажува фактот што стотиот поен го постигнаа дури три минути пред крајот на натпреварот, по што следуваа највисоките плус 21 (103-82). Тоа беше знак на теренот да влезат и најмладите Ранко Мамузиќ и Љубиша Димитровски (18 години), за кого ова беа прво официјални минути во сениорскиот тим на македонскиот шампион. Круна на дебито беше забивањето во последните секунди за првите поени во првиот тим на МЗТ.

И следниот противник на составот од Аеродром во АБА2-лигата е од БиХ, со оглед што „металците“ следната среда ќе му гостуваат на Спарс во Сараево.