Print this page

Кочов: Бевме подобри и порасположени и затоа заслужено победивме!

2019 18 Apr

Кога ќе се победи тим со децениска кошаркарска традиција како Задар, згора на тоа на негов терен во најважниот меч од сезоната, тогаш нормално е што тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов, беше и повеќе од задоволен по големиот триумф.

„Би сакал да им честитам на моите кошаркари за играта и за борбеноста. Во последно време игравме во НБА-ритам и немавме многу време да се подготвиме за Задар, но сѐ што се договоривме максимално го испочитуваа. Денеска бевме подобар и порасположен противник, го искористивме притисокот кој можеби беше кај Задар и заслужено триумфиравме. Во финишот непотребно влеговме во егал-средба, нешто што ни се случувало и претходно, а што треба да го искорениме во иднина, но и покрај тоа победата е чиста како солза. Во вторник ќе пробаме да победиме и на домашен терен и да си ја оствариме најголемата желба сезонава, да се вратиме во АБА-лигата“, изјави Кочов.

Аеродромци имаа фантастична шутерска вечер, особено во првото полувреме во кое едноставно не можеа да промашат.

„Нормално дека сум радосен за погодените шутеви, особено во првото полувреме. Но, тоа не е изненадувачки бидејќи ние сме шутерска екипа иако во последно време можеби не делуваше така. Можеби атмосферата и традицијата која ја носи салата во која игравме дополнително нѐ инспирираше за да погодуваме така“, дополни Кочов.

Вториот меч од бараж-серијата за влез во АБА е во вторник во „Јане Сандански“, во кој нашиот тим со победа ќе дојде до конечната победа и враќање во друштвото на најдобрите екипи на просторот на поранешна СФР Југославија.