Print this page

Кочов: Само со борбена игра може да се надеваме на триумф во Задар!

2019 17 Apr

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром денеска ќе му гостуваат на хравтски Задар (17 часот), во првиот натпревар од баражот за влез во АБА-лигата, во кој ќе бркаат „брејк“ кој ширум би им ги отворил вратите за враќање во елитното јадранско друштво.

На сите во таборот на сино-белите им е јасно дека ова е можеби клучниот меч за остварување клучната предност во серијата која се игра до две победи. Аеродромци посакуваа сценарио слично на тоа во полуфиналниот плејоф-дуел од АБА2 со Спарс, кога веднаш ги изненадија противникот и веднаш потоа „брејкот“ го потврдија на домашен терен. Овој пат задачата ќе им биде повеќекратно потешка, со оглед што на другата страна ќе биде искусен тим со многу квалитетни поединци кој сезоната ја заврши на претпоследното место во АБА.

„Задар е одлична екипа со квалитетни поединци, кои имаат големо искуство. Натпреварот ни доаѓа во незгоден момент, по период на средби според НБА-ритам, но верувам дека сите во мојот тим ја знаат важноста на овој дуел и дека ќе дадат и повеќе од максимум, како во напад така и во одбрана. Само со таков борбен пристап ќе може да се надеваме на позитивен исход на гостувањето кај тим каков што е Задар“, вели тренерот Ѓорѓи Кочов.

Противникот на МЗТ Скопје Аеродром во оваа серија ќе биде предводен од добро познато лице, нашиот поранешен тренер Анте Назор, кој во 2017 година ја освои шампионската титула во финалната плејоф-серија со Карпош Соколи. Тој со голем респект зборува за својот некогашен тим, кој по игра на случајот е негов последен ривал на патот кон опстанок во АБА.

„Во Скопје минав прекрасен период и знам дека против себе имаме квалитетен одлично организиран тим каде што сѐ функционира како што треба. МЗТ Скопје е тим во кој има десет одлични кошаркари, кој е одлично пополнет на секоја позиција со двајца квалитетни играчи. Го ценам Дамјан Стојановски, но и неговата замена Симоновски, Медфорд и Магдевски се одлични во организацијата, а не треба да се трошат зборови за Самарџиски и за Иванов. Свесен сум дека нема да ни биде лесно“, изјави Назор.

Ова ќе биде 13. меѓусебен дуел на овие два тима, а меѓусебниот скор е 7-5 во корист на Задар. Нашиот тим има една победа во досегашните шест меча на теренот на противникот и тоа во првата пресметка во АБА во ноември 2012 година. Мечот ќе биде пренесуван на третиот канал на Арена спорт телевизијата.