Испечатете ја страната

МЗТ-Спарс 1-0: Медфорд со кош на секунда до крајот ни донесе голема победа во Сараево

2019 20 Мар

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром поведоа со 1-0 во полуфиналната плејоф-серија во АБА2, откако вечерва, на чудесен начин, како гости го совладаа тимот на Спарс (71-70).

Лестер Медфорд е јунакот на вечерта со кошот на една секунда до крајот за целосен резултатски пресврт и голема победа на македонскиот претставник во АБА2. Сино-белите одиграа одлично во второто полувреме во кое на стартот имаа негатива и од дури 17 поени, но на крајот успеаја да дојдат до толку посакуваната победа.

Домашниот тим многу подобро влезе во натпреварот и по стартното изедначување 2-2 многу брзо, со девет поени во низа, дојде до првата поопиплива позитива со која ја искажа големата желба за триумф во овој натпревар. Во сличен стил се играше до средината на вториот период, кога избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов набрзина направија серија 11-2 и намалија само на еден поен негатива (23-24). Но, тоа како да ги налути кошаркарите на Спарс, кои повторно заиграа агресивно во одбраната, а погодија неколку тешки шутеви од далечина за на одмор да заминат со плус 42-27.

Домашните кошаркари во првиот напад од второто полувреме дојдоа до најубедливите плус 17 (44-27), што некако ги расони гостите од Скопје, кои дури тогаш почнаа да играат како што знаат. Со трпелива игра и пред сѐ добра одбрана, аеродромци на нешто повеќе од две минути до крајот дојдоа до изедначување (53-53), а потоа имаа и неколку напади за прво водство.

Но, „металците“ не продолжија во ист ритам, а згора на тоа на клупата привремено мораше и одличниот Предраг Самарџиски поради четири лични грешки. Босанците тоа го искористија за девет поени во низа и ново резултатско одлепување (62-53), кое набрзо беше стигнато од гостинскиот состав кои вратија на идентичен начин за егал-ситуација на семафорот (62-62) на 250 секунди до крајот на средбата.

Следуваа нови шест поени по ред на Спарс за нова релативно висока предност во вака тесен натпревар на малку поени. Но, избраниците на тренерот Кочов одново не се предадоа и со серија 9-2 го решија мечот во своја корист.

Јунакот Медфорд, ништо помалку заслужниот за херојскиот успех Марко Симоновски (три тројки) и Иванов постигнаа по 13 поени, додека Самарџиски средбата ја заврши со 12 поени и 11 скока.

Реванш-средбата е закажана за в недела во „Јане Сандански“ со почеток во 17 часот.