Втор несреќен пораз во дуелите со Приморска

2019 03 Јан

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го претрпеа првиот пораз на домашен терен сезонава во АБА2-лигата, откако вечерва во драматичен меч до самиот крај загубија во пресметката со лидерот на табелата, Сикст Приморска (77-78).

Мечот го одигравме без моторот на тимот, Лестер Медфорд и стартниот центар Љубомир Младеновски, но и покрај тоа имавме сериозна можност да дојдеме до триумф против најдобриот тим во моментов во регионалното натпреварување. Прво при водство 77-76 имавме напад, кој за жал Џејмс Вудард не успеа да го реализира, а потоа, откако Жан-Марк Шишко реализира на 1,1 секунда, Андрија Бојиќ имаше зицер за победа, но за жал топката не сакаше да влезе низ обрачот.

Гостите од Словенија подобро влегоа во натпреварот и од самиот почеток ја имаа иницијативата и предноста, која по само пет минути изнесуваше повеќе од солидно девет поени (12-3). Аеродромци се бараа себе си во првиот меч сезонава без Медфорд, кој поради повреда ќе ги пропушти најверојатно сите средби овој месец. Тоа не им одеше лесно, поради што противникот без проблеми ја одржуваше позитивата, казнувајќи ја секоја нивна грешка.

Кошаркарите на Приморска кон средината на вториот период веќе обезбедија и двоцифрена позитива (33-22), која ја задржаа до самиот крај на полувремето (38-28). Тоа, сепак, не ги обесхрабри сино-белите, кои силно ја почнаа третата четвртина, во која со седум поени во низа се вратија во игра, а во два наврати имаа можност дури и дојдат до минус еден, но промашија зицери. Ова беше казнето од противникот, па по само неколку минути Словенците одново имаа плус 10 (47-37).

Но и ова не ги урна надежите за триумф на избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов. Со трпелива игра, цврста одбрана и прецизни шутеви од далечина, кошаркарите на МЗТ Скопје одново ја намалија негативата, а на три минути до крајот на мечот за првпат и дојдоа до водство (69-67).

Последните 120 секунди донесоа вистинска резултатска клацкалка, во која кошаркарите на Приморска погодуваа буквално од секаде, на што домашните кошаркари одговараа адекватно со проектили од далечина. „Металците“ на 77-76 имаа напад со кој можеа да ја забетонираат победата, но Вудард промаши за тројка, по што гостите имаа точно 24 секунди да ја одредат судбината на дерби натпреварот помеѓу двете најдобри екипи во АБА2.

Бојиќ со 20 и Вудард со 19 поени беа најпрецизни кај составот од Аеродром, каде што двоцифрен ефект имаше и Дамјан Стојановски со 10 поени, сите во второто полувреме. Следниот меч за МЗТ Скопје Аеродром, кој сега има скор 9-5 во регионалното натпреварување, е веќе в среда на гости кај Ловќен.

4 Uni Banka.jpg4 sport m logo web.jpg6. adidas.jpgPekabesko 1.jpgadora logo za sajt.jpgaerodrom-novo-logo.jpgcedevita logo web.jpgcevahir logo za sajt.jpgsistina logo web.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), пет по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014,2015, 2016) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page