Испечатете ја страната

Не си ја остваривме желбата за четири победи по ред во АБА2-лигата

2018 21 Ное

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го претрпеа третиот пораз сезонава во АБА2-лигата, откако вечерва, во меч од деветтото коло, загубија на гостувањето кај словенечкиот претставник Рогашка со 90-102.

Во првото полувреме не одигравме во одбраната како што посакуваше тренерот Ѓорѓи Кочов и примивме 64 поени во првите две четвртини, што на крајот скапо нѐ чинеше односно не ја остваривме желбата за четврти триумф во низа во регионалното натпреварување. Противникот обезбеди плус 16 по воведните 20 минути, кои потоа не можевме да ги надополниме, колку и да се трудевме. Најмногу што направија сино-белите е да спуштат на минус шест (84-90) во последниот период, но снемаа сили за целосен резултатски пресврт.

На МЗТ Скопје Аеродром не му помогна ниту уште една блескава партија на Хрватот Иве Иванов, кој средбата ја заврши со 30 поени, пет скока и две асистенции. Двоцифрен поентерски ефект во македонскиот состав имаа уште и Лестер Медфорд со 19 поени и 11 асистенции, Андрија Бојиќ и Џејмс Вудард со по 12 и Марко Симоновски со 11 поени.

Ова беше последен дуел за составот од „Јане Сандански“ во јадранската конкуренција пред паузата поради репрезентативниот прозорец на ФИБА. Следниот натпревар во АБА2-лигата ќе го одиграме на 6 декември на домашен терен против Сутјеска.