Испечатете ја страната

Го преслушавме и Динамик за пет од пет во Аеродром во АБА2-лигата!

2018 15 Ное

Салата „Јане Сандански“ останува неминлив бедем за противниците на МЗТ Скопје Аеродром во АБА2-лигата, откако вечерва го совладавле и српски Динамик (84-74) за чисти пет од пет на домашен терен сезонава во регионалното натпреварување. Со овој триумф, избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов ја задржаа втората позиција на табелата и го продолжија притисокот врз лидерот Сикст Приморска.

Серијата 14-2, која македонскиот тим ја направи во втората половина од третиот период, се покажа како клучен фактор за значајната победа, носејќи им го дотогаш највисокото водство од плус 12 (59-47), кое потоа беше умешно сочувано до самиот крај. Аеродромци одиграа далеку подобро во одбраната од последните неколку натпревари, што се должеше на максималната агресивност по целиот терен.

Сино-белите шутираа далеку подобро од противникот (55%-44%), а имаа и поголем број скокови (32-30), што заедно со далеку поголемата желба беше причината за шестиот триумф во осмиот меч во регионалното натпреварување. Победата беше максимално заслужена, со оглед што МЗТ Скопје Аеродром ги контролираше ритамот, играта и резултатот во текот на сите 40 минути. Македонскиот претставник имаше двоцифрено водство и во втората четвртина (34-23), но потоа на домашните кошаркари им падна концентрацијата, па гостите од Белград ја вратија неизвесноста доаѓајќи на само еден поен негатива на крајот од полувремето (35-36). Квалитетот, сепак, дојде до израз во следните десет минути па работите си дојдоа на место, секако во корист на екипата од Аеродром.

Иве Иванов и Андрија Бојиќ беа убедливо најдобри во домашниот тим со 24 односно 22 поени и со седум односно девет скока остварени под двата коша. Лестер Медфорд средбата ја заврши со 14 поени и шест асистенции додека Дамјан Стојановски додаде 15 поени со седум скока и три асистенции.

Следниот јадрански предизвик за „металците“ е следната среда, кога ќе му гостуваат на словенечкиот тим Рогашка.