Испечатете ја страната

Бојиќ е најдобар стрелец на колото, а Медфорд одново има најмногу асистенции!

2018 08 Ное

Одличната игра и сигурната победа на гостувањето кај Вршац (95-88), на екипата на МЗТ Скопје Аеродром освен два драгоцени бодови ѝ донесе и неколку индивидуални признанија по седмата рунда од АБА2-лигата.

Андрија Бојиќ со 29 поени е прв стрелец на колото, а неговиот учинок е уште поимпресивен ако се знае дека дури 27 од нив постигна за нецели 15 минути во првото полувреме. Српскиот центар воедно е и втор најдобар во изборот за најдобар кошаркар и тоа со 30 индексни поени.

Најдобар асистент, пак е нашиот Лестер Медфорд, кој имаше дури 11 успешни додавања на средбата против Вршац. Плејмејкерот по вторпат е најдобар асистент во колото, а во моментов е убедливо најдобар во оваа статистичка категорија со просечни 7,3 успешни додавања на секој од седумте одиграни натпревари.

МЗТ Скопје Аеродром во моментов е второпласиран на табелата во регионалното натпреварување со учинок 5-2 во пресрет на следниот дуел и тоа в четврток на домашен терен против Динамик. Претходно, избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов ќе ги одмерат силите против вечниот ривал Работнички и тоа в понеделник исто така на домашен терен.