Испечатете ја страната

Несреќен пораз на гостувањето кај Сикст Приморска

2018 11 Окт

Осумте поени во низа кои ги постигна противникот во последните 80 секунди од натпреварот се покажаа како клучни за поразот по едно продолжение на МЗТ Скопје Аеродром на вечерашното гостување кај словенечка Сикст Приморска (84-91), прв сезонава во АБА2-лигата.

Имавме 77-69, но тогаш Ален Хоџиќ постигна две тројки во низа, а потоа и една двојка за враќање на домаќинот во игра за победа. Лестер Медфорд го имаше последниот шут, но прво не погоди, а потоа, кога успеа да постигне тројка, судиите утврдија дека шутирал по последниот звук на сирената. Во екстра периодот Приморска подобро се снајде и дојде до посакуваните бодови.

Натпреварот одлично го отворивме и го контролиравме ритамот и резултатот во првото полувреме. Постојано бевме во водство во овој дел од мечот, најчесто помеѓу пет и девет поени за 41-36 на полувремето. Домаќинот третиот период го почна ептен агресивно, што по само пет минути им донесе целосен резултатски пресврт и прво водство на средбата (51-49). Ова како да ги осоколи кошаркарите на Сикст Приморска, кои продолжија во ист стил до крајот на четвртината за највисоки плус шест (61-55).

И, кога сите во салата очекуваа да продолжи нивниот притисок, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром најдоа сили повторно да заиграат како на почетокот. Во првите пет минути од четвртите десет минути направија серија 13-2 и одново дојдоа до повеќе од солидно водство (68-63), со кое најавија дека нема да се откажат од толку посакуваната победа. Но, немањето спортска среќа во клучните моменти нѐ оставија без триумфот кој ќе беше наполно заслужен.

Џејмс Вудард со 20 поени и четири украдени топки беше најпрецизен во македонскиот состав, Лестер Медфорд постигна 19 поени и пет асистенции, Иве Иванов имаше учинок од 15 поени и седум скока, Андрија Бојиќ додаде 13 поени, додека Љубомир Младеновски застана на 11 поени.

Следен наш противник во АБА2-лигата е тимот на Ловќен следната среда во „Јане Сандански“.