Испечатете ја страната

Дамјан Стојановски: Во МЗТ Скопје сум како дома и затоа без размислување - останав!

2018 09 Јул

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Дамјан Стојановски, денеска и официјално го стави потписот на договорот со МЗТ Скопје Аеродром, со кој се обврза дека ќе го предводи нашиот тим најмалку уште во следните две години.

И покрај понудите од странство, тој се реши да остане во клубот кој го смета за свој дом, со оглед што во сино-белиот дрес ги одигра последните пет сезони од својата кариера, по дебито кое го имаше во веќе далечната 2012 година. Стојановски останува капитен на составот од Аеродром и како вистински лидер потенцира дека желбата да се подобри впечатокот од минатата сезона била главната причина што останува во „Јане Сандански“.

„МЗТ Скопје Аеродром е мојот клуб, веќе не ни паметам дека имам играно во друга средина и навистина не беше тешко да се одлучам да останам во него уште две сезони. Имав понуди од странство, но иако беа примамливи, сепак, не беа до таа мера поатрактивни и побогати за да ме натераат да си заминам во Аеродром. Сѐ уште ми е тешко што во минатиот шампионат не одигравме на потребното ниво и не ги остваривме очекувањата на навивачите како во АБА така и во македонското првенство. Токму таа желба да дадам сѐ од себе да се подобри впечатокот и да се покаже дека тоа што се случи во изминативе месеци не беше реална слика на МЗТ Скопје Аеродром беше клучна што останувам и понатаму во сино-белиот табор“, ни изјави Стојановски.

Дамјан верува во визијата на тренерот Ѓорѓи Кочов и е сигурен дека во новата сезона ќе се влезе со квалитетен тим, чија главна карактеристика ќе биде борбеноста и големата желба за успех.

„Без пожртвуваност нема ништо и сигурен сум дека во новото првенство ќе влеземе со тим кој ќе може да го врати клубот она каде што припаѓа, а тоа е во самиот врв на македонската кошарка, но и во елитата во јадранската конкуренција. Ќе биде тешко и напорно, но јас сум подготвен за предизвикот, а верувам истото ќе го мислат и сите останати кои ќе се најдат во ростерот на Кочов. Мора да ја градиме добрата атмосфера уште од самиот почеток, бидејќи без тоа нема да може да дојдеме до посакуваната цел“, дополнува бекот на МЗТ Скопје Аеродром.

Тренерот Кочов во моментов покрај Стојановски на располагање ги има уште и повратникот Љубомир Младеновски, староседелците Дарко Соколов, Андреј Маслинко и Андрија Бојиќ, како и новоангажираниот Американец, Лестер Медфорд.