Историја

Кошаркарскиот клуб Скопје имаше чудна  историја. Формиран во 1966, активен во еден долг период во рамките на Младинско Спортско друштво до таму некаде 1984 година, за потоа да премине под покровителство на Металскиот Завод-Тито и под тоа име МЗТ, се разбира со чести измени на некои додавки заради спонзорства, да живее до денеска.

КК МЗТ СКОПЈЕ беше формиран од група ентузијасти предводени од првиот претседател на клубот Миле Меловски. Интересирањето за кошарката беше големо, па во градот иако постоеја четири клубови: Работнички, Вардар, Трговски и Слога, се чуствуваше потреба од нови колективи. Затоа појавата на сцената на Скопје беше добродојдена и во него веднаш се зачленија голем број младинци, кои почнаа да тренираат на асфалтното игралиште во Автокоманда.

Во првата екипа беа Трпезановски, Атанасовски, Стрезовски, Лазаревски и Домлевски, кој беше и првиот тренер. За две години клубот стана член на Македонската лига. Многумина му прогнозираа брзо испаѓање од неа. Но, не само што не се случи тоа, туку напротив, екипата влезе храбро во борба со поискусните и стана стандарден член на лигата. Откако беа минати оние две први години на здобивање на потребно искуство, од 1970 до 1974 година екипата на КК СКОПЈЕ беше републички првак. Тоа ѝ обезбедуваше учество во второлигашките квалификации, но по се изгледа дотука беше силата и квалитетот. Во квалификациските натпревари, двапати одржани во Скопје, а по еднаш во Титоград (сегашна Подгорица) и во Младеновац, клубот не успеваше да дојде до сојузен ранг.

Во тој период како тренер беше ангажиран (1972) Борис Соколовски, кој собра голем број талентирани пионери и младинци и почна трпеливо да работи. Во 1971 година за претседател беше избран Урош Маљковиќ. Конечно и среќата му се насмевна на клубот, откако со реорганизација на лигите,  КК СКОПЈЕ во 1974 година доби право да се натпреварува во Втората лига – Јужна група.

Во првата сезона во оваа конкуренција беше освоено 7 место, но поради лошата финансиска состојба постојано беа доведувани во прашање патувањата на гостински терен. Тоа нормално се одрази врз игрите на екипата, зошто неизвесноста постојано ги пристискаше играчите кои не можеа да се опуштат и во еден нормален ритам да ги одиграат натпреварите. Тогаш со првата екипа некако наизменично работеа Домлевски и Стерули Андоновски, кој беше и остана големо име во македонската кошарка.

Веќе следната година откако се натпреваруваше во Втората лига, КК СКОПЈЕ стигна до прволигашките квалификации. Но поради пристрасноста на судиите и напуштање на теренот во Иванград во тој прв обид не се успеа. Уследи и казна со одземање 8 бодови за наредната година, но тоа воопшто не ги поколеба скопјани. Напротив, екипата опстана, а за неа настапуваа кошаркари кои подоцна настапуваа и во други клубови како Черепналковски, Кафеџиски, Ристевски, Никифоровиќ, Кардалев, Бошковски и Лазаров. Во тие години и младинскиот погон за кој беше одговорен Димитар Трпезановски добро функционираше па и од него се црпеа играчи.

Меѓутоа како што секоја екипа има период на криза така имаше и КК СКОПЈЕ. Тоа беше причина повторно да се најде во републичката лига. Тогаш за тренер беше ангажиран Таки Џиков, кој претходно успешно работеше како одбојкарски тренер. Со него во 1979 година беше освоено првото место во Македонската лига, а екипата имаше успех и во квалификациите па така повторно се најде во Втората лига. Урош Маљкович успешно ја извршува функцијата на претседател, а Трпезановски и натаму собира пионери и младинци, па бројката стигна до 100.

И овој податок убаво зборува за тоа со колкава сериозност се работеше во клубот, кој полека стануваше интересен за спонзорите. Металскиот завод Тито, барајќи и сопствена афирмација почна да вложува во КК Скопје при крајот на 70-сетите години. Тогаш на претседателската фотеља дојде Слободан Муцунски, еден од водечките луѓе во заводот.

Комплетното превземање под патронат на МЗТ беше реализирано во 1984 година, кога за шеф на стручниот штаб е ангажиран познатиот стручњак и творец на современата кошарка во нашата држава, Лазар Лечиќ, а за тренер исто така големиот ас, Александар Књазев. Во составот на екипата во тој период покрај оние што ги споменавме се наоѓаа уште и Дуковски, Зивчевиќ, Блажевски, Петровиќ, Мирчевски и Марковски.

На овие играчи им се приклучија уште неколку засилувања па така се тргна во еден атак кон првато место. Екипата под новото име, МЗТ Скопје, во 1986 година стана член на Првата југословенска лига што беше голем успех.

По прогласувањето на независноста на Македонија, „металците“ веднаш стануваат еден од најрелевантните фактори во македонската кошарка. Тие досега имаат девет шампионски титули во домашниот шампионат (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019, 2021 и 2022 година), десет победи во Купот  на Македонија (1996, 1997, 1999 и 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018, 2021 година) како и пет трофеи во Супер Купот (2004, 2015, 2016,2021 и 2022 година).