Денешното братско дерби – нова потврда за квалитетната работа во МЗТ Скопје!

Секој прволигашки дуел е приказна за себе, но кога станува збор за натпревар помеѓу два тима кои потекнуваат од исти „родители“, тоа дефинитивно не е мала работа, особено што ова е веќе трета сезона со братски пресметки помеѓу МЗТ Скопје УНИ Банка како помало „братче“ и МЗТ Скопје Аеродром (18 часот), како поискусен и поетаблиран член на семејството од населбата Аеродром. А, дуелите на прволигашки екипи кои потекнуваат од едно исто јадро и кои се како две очи во иста глава, се раритет, нешто со што не можат да се пофалат многу поголеми и поетаблирани европски гиганти и на што мора да се гледа како ултимативна потврда за квалитетната работа во еден клуб.

Трета година по ред навивачите на МЗТ Скопје се наоѓаат пред голема „дилема“, дали на ваквите, за сите други обични смртници, невообичаени дуели, своето срце да го дадат на младоста која доаѓа или, пак, на искуството кое редовно носи голем број трофеи. Но, вообичаената нервоза изостанува, бидејќи без разлика на тоа на која страна ќе застанат во текот на натпреварот, крајниот епилог е идентичен – сите на теренот и на трибините заедно ќе се радуваат без разлика на бројките на семафорот. Победникот е познат уште пред самиот старт, а тоа е системот и начинот на работа во нашиот клуб во изминативе години, кој доведе до една ваква ситуација да се има две сино-бели екипи на прволигашките паркети.

Денешната братска пресметка се игра во малата сала „Јане Сандански“ (18 часот) и без разлика на „роднинските врски“, никој од двата табора однапред не се предава. Дарко Радуловиќ како предводник на поискусните и Перо Блажевски како лидер на тие чие време допрва доаѓа најавуваат борба за секоја топка, како и на секоја друга прволигашка средба, па на крајот нека победи подобриот.

Сепак, каков и да биде епилогот, едно е сигурно, а тоа е дека на крајот ќе победи тим кој во своето име ги содржи светите зборови – МЗТ СКОПЈЕ.