Демант на шпекулациите околу евентуални трансфер-желби на МЗТ!

МЗТ Скопје Аеродром ги демантира денешните неточни информации во јавноста за некаква си заинтересираност за Американецот Ијасу Ворку, кој ниту бил, ниту ќе биде наша трансфер-желба. Со ваквите шпекулации се нанесува штета не само на нашиот клуб и на екипата за која тој во моментов настапува, туку и на меѓусебните клупски односи, кои сакаме да бидат на највисоко ниво со сите останати прволигаши. Нашиот клуб немал, ниту ќе има потреба да ги „краде“ најдобри играчи на противниците, а ако во минатото имало вакви трансфери, тогаш тие не биле тајни и во вид на грабеж, туку биле остварени во соработка и преговори со клубовите од каде што ни доаѓале играчите.

МЗТ Скопје Аеродром е отворен за секаква соработка со медиумите и во секое време подготвен да даде одговор на сите нивни прашања, поради што не постои никаква потреба за пласирање непроверени и пред сѐ неточни шпекулации. Нашата трансфер-политика секогаш била транспарентна и со години наназад секој трансфер веднаш е промовиран преку нашите средства за информирање, како клупскиот сајт и официјалните канали на клубот на социјалните мрежи. Така ќе остане и во иднина.